Лидерот на партијата „Има таков народ“ (ИТН), која победи на предвремените парламентарни избори во Бугарија, Слави Трифонов денеска соопшти дека одлучил да ја повлече кандидатурата на Николај Василев за премиер на државата, наведувајќи дека неговата партија наскоро ќе предложи нов премиер со нов состав на влада.
„За премиер го предложив економистот Николај Василев, човек со искуство во политика, државната администрација и реалниот бизнис. За само три дена врз него се истурија многу погрдни зборови. Се покажа дека не е важно колку се образовани кандидатите за членови на владата“, напиша Трифонов на Фејсбук.
Тој исто така додаде дека на Бугарија не и требаат нови избори и нестабилност и дека е важно да се отстрани моделот ГЕРБ од јавниот и политичкиот живот, наведе Трифонов.
Предвремените парламентарни избори во Бугарија беа одржани на 11 јули, откако по редовните одржани на 4 април оваа година ниту една партија не успеа да состави влада поради фрагментираниот парламент.
„Има таков народ“ на Трифонов во нелатата освои 24,08 проценти од гласовите, со што е победник на изборите.
Потоа следи ГЕРБ со 23,51 отсто, БСП со 13,39 отсто, „Демократска Бугарија“ со 12,64 отсто, Движење за права и слободи (ДПС) 10,71 отсто, а коалицијата „Исправи се! Мафијата надвор!“ доби 5,01 проценти од гласовите.