СЗО: Кина подобро да соработува во испитувањето на потеклото на пандемијата

Архива - Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејезус.

Кина мора „подобро да соработува“ во истрагата за потеклото на пандемијата на коронавирусот, чии први случаи беа откриени во декември 2019 година во Вухан, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејезус.

„Се надеваме дека ќе има подобра соработка за да знаеме што навистина се случи“, рече Гебрејезус на брифингот за новинарите.

Тој посочи дека „првиот проблем е споделувањето на сурови податоци“.

„А другото е дека имаше предвремен обид да се намали бројот на хипотези како онаа за лабораторијата, дека вирусот излегол од лабораторија“, рече Гебрејезус.

Тимот на СЗО го истражува потеклото на коронавирусот во кинескиот град Вухан од 2 февруари 2021 година.

„Лабораториски несреќи се случуваат, тоа е доста честа појава. Јас самиот сум видел и сум направил грешки", рече тој.

Гебрејезус изрази надеж дека ќе има подобра соработка и дека СЗО ќе ги продолжи разговорите со Кина и другите земји членки, нагласувајќи дека втората фаза од истрагата за потеклото на вирусот е прекината.

Првите случаи на инфекција со коронавирусот, која се прошири низ целиот свет, беа регистрирани во кинескиот град Вухан во декември 2019 година.

Експертите на СЗО денеска предупредија на голема веројатност за појава на нови „поопасни видови“ на коронавирусот.

„Пандемијата е далеку од завршена“, се вели во соопштението на тимот експерти на Вонредниот комитет кој го советува генералниот директор на СЗО.

„Постои голема веројатност за појава и ширење на нови загрижувачки соеви и можеби поопасни и уште потешки за контрола“, се додава во предупредувањето.

Исто така, се наведува дека новите трендови на заразени случаи се загрижувачки.