Кремљ ја отфрли идејата за одобрување на странски вакцини против Ковид-19 во Русија, иако властите се обидуваат да ги охрабрат да се вакцинираат граѓаните, кои се сомневаат во руските производи.
„Ние имаме свои вакцини, имаме четири од нив, зарем тоа не обезбедува избор?“, рече Дмитриј Песков - портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.
Тој изјави дека засега не се разгледува прашањето за одобрување на употребата на странски вакцини во Русија.
Русија досега одобри четири вакцини, вклучително и Спутник В, кои Москва се обидува да ги извезе низ целиот свет.
Европската агенција за лекови (ЕМА) ја разгледува апликацијата за одобрување на вакцината Спутник В во Европската унија.
Песков рече дека меѓусебното признавање на вакцините меѓу ЕУ и Москва е „на дневен ред“, но дека преговорите сè уште не се ниту започнати.
„Засега нема конкретни резултати, но секако треба за тоа да разговараме“, рече тој.
Русија е погодена од трет смртоносен бран на Ковид-19, кој брзо се шири како резултат на заразната делта варијанта на вирусот, а вакцинацијата на граѓаните е бавна.