Почнува евакуацијата на Авганистанците кои и помагаа на американската војска

илустрација

Администрацијата на претседателот на Соединетите Држави, Џо Бајден, треба да започне со евакуација на Авганистанците кои им помагаа на американските воени напори во речиси 20-годишната војна во таа земја во последната недела од јули, изјави за АП висок службеник на администрацијата.

Официјалното лице, кое не било овластено јавно да коментира, соопшти дека летови за сојузниците од Авганистан најпрво ќе им бидат достапни на барателите за специјални имигрантски визи кои веќе се во процес на апликација за престој во САД.

Претседателот Бајден се соочи со притисок и од демократите и од републиканците да направи план за помош при евакуација на Авганистанците, сојузници на американската војска, бидејќи американската војска се повлекува од земјата. Белата куќа започна да ги информира пратениците за своите нацрт планови минатиот месец.

Планирањето на евакуација потенцијално може да влијае на десетици илјади Авганистанци. Неколку илјади Авганистанци кои работеле за Соединетите Држави, плус членови на нивните семејства, веќе се во процес на аплицирање за специјални имиграциски визи.

Администрацијата на Бајден работи и на идентификување на трета земја или територија на САД каде што Авганистанците би можеле да престојуваат додека ги обработуваат нивните барања за виза.

Според друг извор , администрацијата размислува дали да користи комерцијални авиони изнајмени од Стејт департментот, наместо воени авиони. Сепак како што наведува изворот, ако во некоја фаза Стејт департментот побара воени авиони, американската војска ќе биде подготвена да помогне.

Бајден го одреди 11 септември како краен рок за повлекување на американските трупи од Авганистан. Тој повтори дека Соединетите Држави ќе останат ангажирани во Авганистан преку хуманитарна помош. САД исто така ветија 4,4 милијарди долари годишно за финансирање на авганистанските безбедносни сили до 2024 година.