Судскиот совет разреши тројца судии

Судски совет

Судскиот совет на Република Северна Македонија на денешната седница разреши тројца судии поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и донесе одлука за престанок на мандат на двајца судии поротници од Основниот кривичен суд Скопје поради навршени 60 години возраст. Разрешените судии времено се одалечени од вршење на судиската функција.

Судскиот совет, се вели во соопштението по одржаната 378 седница, донесе одлуки за престанoк на судии поротници: во Основниот суд Свети Николе: Стојка Пешевска, Момчило Нацевски, Сузана Дерменџиева и Владимир Тосев, поради истек на мандатот; Основен суд Радовиш: Убавка Петкова, по сопствено барање и Александра Тодорова, поради истек на мандатот и во Основен кривичен суд Скопје: Митко Сандев и Зенел Елези, поради навршени 60 години возраст.

На седницата на Судскиот совет, како што информираат, било расправано по извештаите на комисиите на известители по поднесените барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд и тоа:

– по 1(едно) барање разрешени се 2 (двајца) судии поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и времено се одалечени од вршење на судиската функција и

– по 1(едно) барање разрешен е 1 (еден) судија поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и времено е одалечен од вршење на судиската функција.

СДСМ: Ревизија на пресуди и разрешување судии кои „застаруваат“ предмети

Судскиот совет не ги соопштува ниту имињата на разрешените судии ниту деталните причини за таквата одлука. Досега Судскиот совет разреши 16 судии.

Инаку сега за судските процеси кои поротникот Митко Сандев ги водел, а кому според денешната одлука на Советот му престанува мандатот, ќе има и нов почеток. Станува збор за предметите „Титаник“, „Талир“ и „Тендери“ кои ги покрена Специјалното јавно обвинителство, а во кои се вклучени високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.