Шефот на МОК, Томас Бах, се обиде да ги смири стравувањата дека Олимписките игри во Токио ќе се претворат во настан за ширење на коронавирусот, поради напливот на случаи во Јапонија, што предизвика четврта вонредна состојба во главниот град.
„Овие ќе бидат историски Олимписки игри ... за начинот на кој Јапонците ги надминаа многуте предизвици во последните неколку години, големиот земјотрес во источна Јапонија и сега пандемијата на коронавирусот“, рече Бах во Токио по состанокот со премиерот Јошихиде Суга.
Бројот на нови дневни инфекции на коронавирус во Токио се зголеми за прв пат во два месеци на над 1.000 случаи што на девет дена пред почетокот на игрите ги натера организаторите да забранат гледачи.
Бројките се зголемија и покрај тоа што Токио беше ставен под четврта вонредна состојба на почетокот на неделата.
Мнозинството од јапонската јавност отсекогаш се залагаше за понатамошно одложување на настанот, првично закажан за 2020 година, па дури и за целосно откажување.
Глобалниот интерес за Олимписките игри во Токио исто така беше слаб, според анкетата на Ипсос објавена вчера и спроведена во 28 земји, поради загриженоста за коронавирусот и повлекувањето на врвни спортисти од сите дисциплини.
Анкетата покажа дека глобалниот просек на заинтересираност е 46 проценти.На прашањето дали игрите воопшто треба да се одржат или не, само 42 проценти од светската популација одговорила позитивно, а 78 проценти од Јапонците биле против.
Нешто повеќе од половина од Американците или 52 проценти се за одржување на Олимписките игри, додека Русите биле повеќе склони да го поддржат настанот, при што 61 процент од нив рекле дека игрите мора да продолжат.