Поделени 30 илјади картички за патарина на српските државјани

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше денеска дека повеќе од 30 илјади картички им се поделени на српските државјани кои транзитираат низ земјава и со кои бесплатно ги поминуваат патарините. Тој нагласи дека тоа е добар гест на пријателство и соработка. Владата донесе одлука да не им се наплатат патарините на српските државјани како знак на благодарност за она што го направи Владата на Србија за вакцинација на македонските граѓани.

Во однос на системот One stop shop, Спасовски посочи дека според најавите овој систем ќе се унапредува, бидејќи договорот предвидува контрола и на македонската и на српската полиција

„Се прават анализи за да може да се воспостави правна рамка за да има само една контрола на излез и на влез. Во оваа прва фаза има подобрување, но не е она што можеме до крај да го очекуваме, затоа сме со постојана комуникација со МВР на Србија за да можеме овие би рекол негативности што се појавуваат да ги отстраниме и да имаме подобар проток на лица и на стоки генерално“, изјави министерот Спасовски, кој денеска заедно со претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска го посетија граничниот премин Табановце во рамки на кампањата ,,Вози одморен“.

Според него, за проектот се разговара и со другите држави од опкружувањето, со цел, во регионот да има подобро движење.