Министерството за правда на САД соопшти дека четворица ирански државјани се обвинети за заговор за киднапирање на американски новинар кој известува за кршењата на човековите права на иранската влада. Обвинетите се ирански разузнавач и тројца наводни членови на иранска разузнавачка мрежа кои наводно заговарале да го киднапираат новинарот со поддршка од страна на иранската влада.
Министерството за правда го идентификуваше новинарот само како американски државјанин со седиште во Бруклин, кој исто така е опишан како активист за човекови права.
Активистката и писателка Масих Алинејад која живее во Бруклин, потврди дека американските власти и рекле дека таа била потенцијална жртва на осомничените.
„Благодарна сум на ФБИ за спречување на заговорот на Министерството за разузнавање на Исламската Република Иран да ме киднапира. Овој заговор беше организиран од [иранскиот претседател Хасан] Рохани“, напиша Алинејад на Твитер.
Алинејад соработува со програмата на пресиски јазик на Гласот на Америка и известува за состојбата со човекови права во Иран.