МЗ: Зголемениот број на случаи во Тетово од свадба и семејна прослава

Илустрација

Министерството за здравство информира дека по зголемување на заразени од тестирани во Тетово и тетовскиот регион, во период од неколку дена, Комисијата за заразни болести ја следи епидемиолошката состојба во градот и е во комуникација со локалниот центар за јавно здравје каде се анализираат сите овие случаи.

„Според првичните информации зголемениот број случаи доаѓаат од два познати кластери. Првиот кластер е од свадба, а вториот е повеќечлено семејство кое исто така било на мала семејна прослава. Она што загрижува и со што се соочиле здравствените работници е што некои од ковид позитивните пациенти не давале точни податоци и информации за контакти, како би можело да се спречи создавање на кластери околу двата постоечки“, се наведува во соопштението.

Министерството за здравство апелира, граѓаните да соработуваат со епидемиолозите, бидејќи како што наведуваат, одбивањето на соработка од страна на пациентите, прави потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, а тоа може да доведе до голем број заразени.

„Засега радува фактот што од 65 активни случаи во Тетово, само 12 се со симптоми и нема хоспитализирани во ковид центарот во КБ Тетово.
Досега не е детектиран делта сој на СарсКов2, а кај лицата кај кои беше секвенциониран бразлискиот сој се ковид позитивни од јуни“, се додава во соопштението.

Во последните 24 часа се регистрирани 21 нов случај на заразени со ковид-19, од направени 3.227 тестирања, соопшти Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје. Во Тетово има 11 нови случаи, во Скопје и Куманово по 3, Струга -2, Гостивар и Штип по еден нов случај.