Започна да се расчистува теренот кај малата депонија со линдан во кругот на фабриката „Охис“. Министерот за животна средина Насер Нуредини изјави дека процесот е превидено да трае 12 месеци и се очекува да завршат со чистење на малата депонија во јули 2022 година. Тој додава дека сега со помош на експертите и знаењето што го имаат, ќе може да се изнајдат средства за да се исчисти и големата депонија. Според него, станува збор за количество на отпад од 7.000 тони во малата и 52 илјади тони во големата депонија.
Министерот Нуредини посочи дека Природно математичкиот факултет добило инструменти од Норвешка, со кои ќе ја мери почвата, но и воздухот и континуирано ќе се спроведуваат анализи, со цел да се обезбеди заштита на граѓаните во околината.
Линданот го чисти компанијата „Полиеко“, а се предвидува тој да се извезува во Франција, додека пак во Холандија ќе се анализира контаминираната почва.
- Пет фирми сакаат да го чистат линданот во ОХИС
- Планот одобрен, ќе се чисти малата депонија со линдан во ОХИС
Во април Владата на седница донесе решение за одобрување на план за ремедијација на локацијата во АД „ОХИС“- Скопје и го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да донесе Решение за одобрување на планот за конечна деконтаминација на линданот во кругот на АД „ОХИС“-Скопје.
Линданот во светот е забранет од 2006 година кога беше ставен на листата Перзистентни органиски супстанци според Стокхолмската конвенција на Обединетите нации.