Талибанците се противат турски војници да останат на аеродромот во Кабул

Меѓународниот аеродром во Кабул

Талибанците ја предупредија Турција да не остава свои војници во Авганистан по заминувањето на странските сили предводени од САД. Анкара претходно најави дека размислува да остави свои војници за заштита на аеродромот во Кабул.

Талибанците зазедоа под контрола околу една третина од 423 области во Авганистан, откако во мај почнаа да се повлекуваат силите предводени од САД. Со тоа се зголемија стравувањата дека владата во Кабул може да пропадне. Поради тоа денеска авганистанскиот претседател Ашраф Гани го посети северот на земјата за да види каква е безбедносната состојба.

Турскиот контингент на НАТО во Авганистан го обезбедува меѓународниот аеродром во Кабул, кој има огромна стратешка вредност.

Анкара соопшти дека разговара со авганистанската влада и со Вашингтон турските војници да останат на аеродромот во Кабул за да може да се осигура дека аеродромот ќе функционира и по заминувањето на американските трупи.

Но за талибанците, одлуката на турското раководство е кршење на авганистанскиот суверенитет и територијален интегритет и е во спротивност на националните интереси.