Училиштата треба да обезбедат настава со физичко присуство, без бариери за пристап и без да налагаат вакцинација пред да се влезе в училиште. Загубите што ќе ги претрпат децата и младите со неодење на училиште никогаш нема да бидат надоместени, велат во заедничка изјава извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор и генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулај.
Во изјавата се посочува дека училиштата треба последни да се затворат, а први да се отворат. Тие посочуваат дека 18 месеци од почетокот на епидемијата на ковид-19, образованието за милиони деца сè уште е нарушено и дека заклучно со денеска, затворени се основни и средни училишта во 19 земји.
Првите луѓе на двете организации на ОН потсетуваат дека во напорите да го ограничат ширењето на пандемијата, владите најчесто ги затвораа училиштата и ги држеа затворени подолго време, дури и кога епидемиолошката состојба не го оправдуваше тоа. Ваквите постапки, велат во изјавата, честопати беа прво средство, наместо последна мерка. Во многу случаи училиштата беа затворени, додека баровите и рестораните остануваа отворени.
Во Македонија наставата се одвиваше онлајн, освен за учениците од прво до трето одделени, кои можеа да изберат и да одат во училиште.