Досега вакцинирани над 428 илјади граѓани

Медицински тимови започнаа теренска вакцинација во рурални средини во Македонија.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 428.081 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 6.413 граѓани, а вкупно се вакцинирале 9.335 граѓани. Досега во државата се аплицирани 676.620 дози вакцини, а ревакцинирани се 248.539 граѓани, соопштуваат од Министерството за здравство.

Во соопштението се наведува дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Граѓаните што треба да се ревакцинираат тоа да го сторат во спортските сали низ градовите - Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје.

Лицата кои сакаат да се вакцинираат без закажан термин тоа да го сторат во пунктовите за вакцинација во Здравствените домови низ државата.

Паралелно со тоа се одвива и теренска вакцинација, односно медицински тимови одат во руралните средини и ги вакцинираат жителите. Ден претходно од Министерството најавуваат во кои места следниот ден ќе бидат медицинските тимови.

Со последните бројки 56 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 53 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 49 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Во меѓувреме сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Термин за вакцинација треба да закаже родителот или старателот на детето, доколку сака тоа да биде вакцинирано.

Министерството за здравство апелира до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.