Олимпиското село во Јапонија, во кое ќе бидат сместени околу 18 илјади спортисти и помошен персонал, официјално е отворено денеска во Токио, на десет дена пред почетокот на Летните олимписки игри.
Но свечената церемонија за отворањето е во сенка на загриженоста на локалните жители кои негодуваат што Игрите ќе се одржат во време на пандемија со ковид. На Олимпијадата нема да има публика.
Токио од понеделникот е во четврта фаза на општа опасност поради пандемијата, а мерките се на сила до 22 август, кога Олимпијадата веќе ќе биде завршена.
Олимписките игри треба да се одржат од 23 јули до 8 август.
Шефот на Меѓународниот олимписки комитетот Томас Бах го пофали Токио за подготвеноста. Тој е во Јапонија од минатата недела и помина три дена во карантин.
Олимпиското село се простира на површина од 44 хектари, а изградени се 21 зграда за сместување на спортистите и членовите на тимовите.
Веќе почнаа и да пристигаат делегации, а до крајот на неделата треба да се сместат повеќе од 2000 спортисти. Организаторите на Игрите не кажуваат кои екипи се веќе во селото.
Но Олимпиското село нема да личи на претходните, оти на сила се остри мерки. Сите „жители“ мора секогаш да држат дистанца, а средбите да бидат што е можно пократки и без физички контакт. Носењето маски е задолжително за сите штом излезат од собите. Според строгите правила спортистите ќе треба да го напуштат селото во рок од 48 часа штом им заврши нивниот настап на Олимпијадата.