Србија: Изградена фабрика за вакцините на Синофарм до крајот на годинава

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска потпиша Меморандум за соработка со кинеската компанија „Синофарм“ која произведува вакцини против ковид-19, е објавено на владиниот сајт. Во соопштението е наведено дека потпишувањето на Меморандумот е првиот чекор во соработката за изградба на фабрика за производство на вакцини „Синофарм“ во Србија. Брнабиќ очекува фабриката да биде изградена до крајот на годинава.

„Имаме амбициозни цели. Едната цел е до крајот на годинава да изградиме фабрика за производство на вакцини, паралелно на тоа да работиме и на производство на вакцини и до крајот на годинава да имаме десет милиони дози вакцини кои се наполнети во Србија, а веднаш потоа да почне целосен процес на редовно производство“ вели Брнабиќ.

Според неа денешниот ден не е важен само за Србија, туку и за регионот затоа што земјите во него ќе имаат блиску достапни вакцини со што ќе може полесно да ја водат битката против пандемијата.

„ Ова е почеток на една поширока соработка на Србија со Кина и Обединетите Арапски Емирати во областа на биомедицијата, биоинформатика и употреба на вештачка интелегенција во фармација. Ова е продолжение на соработката која ја почнавме во тешкиот период за време на пандемијата со ковид-19, кога заедно направивме и две лабаротории за ПСР тестови“ вели таа.