Филипче: Вакцинацијата против ковид-19 на деца ќе стартува в петок

Вакцинирање против ковид-19 во Македонија

Вакцинирањето на деца ќе започне в петок. Родителите и старателите кои сакаат да ги вакцинираат децата од денеска до четврток ќе треба да ги пријават во системот вакцинација.мк .

Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил објави дека родителите или старателите доколку наидат на потешкотии при пријавување на своето дете за вакцинација на сајтот vakcinacija.mk, треба да го проверат статусот на неговото евидентирање, односно дали тоа е осигуреник во базата на Фондот за здравствено осигурување.

„Оние деца кои немаат здравствено осигурување, или немаат одбрано матичен лекар, посочува министерот, исто така ќе може да се вакцинираат, а информации за термините ќе може да добијат директно на вакциналните пунктови каде ќе се одвива вакцинацијата на деца“ напиша тој на Фејсбук.

Тој додава дека секој родител или старател кој сака да се вакцинира неговото дете ќе треба да го пријави на веб страницата, по што ќе добие термин за вакцинација.

Во системот „Мој Термин“ веќе се регистрираат малолетни лица од 12 до 16 години кои сакаат да се вакцинираат, информираше Филипче. Децата ќе се вакцинираат со „Фајзер“.