Од денеска, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе се дозволи вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“, што во овој момент е единствена вакцина која е дозволена да се користи согласно препораките во внатрешното упатство за оваа категорија на деца на оваа возраст. Министерот Филипче прецизира дека иако некои земји го воведуваат вакцинирањето на децата против ковид-19 како задолжително односно тие нема да ги примаат децата на училиште доколку не се вакцинирани, вакцинацијата на децата нема да биде задолжителна.
Над 400 илјади луѓе вакцинирани во Македонија
Од денеска вакцинацијата во државата ќе се одвива и без закажан термин, а ќе започне и теренската вакцинација така што вакцините ќе бидат достапни до секого и секаде, најави претходно Министерството за здравство. Министерството апелира до граѓаните дека е важно да се спроведе брза и ефикасна вакцинација, затоа упати апел до сите граѓани кои досега не се пријавиле за вакцинација или се двоумат, што побрзо да го сторат тоа.