Централната изборна комисија на Бугарија соопшти дека до 16 часот излесноста на предвремените парламентарни избори била 27,2 отсто, што е за 12 поени пониско отколку што било во 17 часот на изборите одржани во април, кога според резултатите ниту една партија не можеше да формира Влада поради фрагментираниот парламент.
Портпаролот на Централната изборна комисија Цветозар Томов изјави дека „ова значи дека денеска има релативно слаб одѕив, а можно е бројот на гласачи да биде помал од 3 милиони луѓе“, рече Томов.
Тој за Бугарското национално радио изјави дека засега нема посериозни проблеми во изборниот процес.
На предвремените парламентарни избори учестуваат 17 партии и шест коалиции, а право на глас имаат 6.711.048 луѓе. Овие избори беа закажани откако на претходното гласање на 4 април ниту една партија или коалиција не успеа да формира влада.
Министерството за внатрешни работи на Бугарија соопшти дека од почетокот на изборната кампања во Бугарија, до 15 часот денеска, полицијата добила вкупно 982 сигнали за кршење на изборното законодавство и политичките права на граѓаните, што е зголемување за 83 отсто во споредба со податоците од парламентарните избори во април.
Институцијата наведува дека биле изготвени се 9.936 протоколи за предупредување, што претставува зголемување за 539 отсто од претходните избори, а дека до 16 часот девет лица се обвинети за купување гласови и дека има 76 предистражни постапки за изборни прекршоци, соопшти Обвинителството на Бугарија.