Агенцијата „Маркет Линкс“ објави резултати по 98 проценти од паралелното пребројување, според кои партијата на ТВ водителот Слави Трифунов освои 22,8 проценти од гласовите, што е на прво место пред ГЕРБ на Бојко Борисов со освоени 22,5 отсто.
Трифунов вечерва на Фејсбук соопшти дека денешниот ден бил добар за бугарската демократија затоа што, како што наведе, ова биле најискрените избори досега.
„И не заради исходот за „Има таков народ “, туку заради новите изборни правила кои максимално го ограничија купениот глас, корпоративниот глас и манипулацијата со „мртвите души”. Поддршката што ја доби „Има таков народ“ е неверојатна. Сакам да се заблагодарам на сите што гласавте за нас. Ние навистина ја цениме вашата доверба. Утре во 23 часот ќе објавам што ќе прави „Има таков народ!“, наведе Трифунов.
На трето место според освоените гласови се наоѓа Демократска Бугарија со 13,5 отсто, а на четврто е Бугарска социјалистичка партија со 13 проценти, Движење за права и слободи освои 11,6 и „Стани! Излези!“ 5,3 отсто, според податоците на „Маркет Линкс“.
Предвремените избори во Бугарија беа распишани, бидејќи по претходно одржаните во април не беше можно да се формира владејачко мнозинство поради фрагментираниот парламент.
Анкетите и претходно сугерираа дека резултатот од денешното гласање моно е да биде сличен на оној од април, но и дека десноцентристичката партија предводена од Борисов, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), дополнително ќе ја изгуби поддршката.
Привремената влада формирана по априлските избори изнесе обвинувања за широко распространета корупција за време на долгото владеење на Борисов. Новата влада објави дека стотици милиони евра исчезнале во непознат правец само за поправки во акумулационите езера.
Борисов откако денеска гласаше оцени дека на денешните предвремени избори владее тотален хаос и дека гласови се крадат на избирачките места во странство.
Борисов побара од секторската комисија да бидат пребројани машините по денот на изборите, бидејќи како што рече, може да има измами.
„Избори во Венецуела и Мадуро. Тотален хаос во земјата. Во странство се случува кражба на векот. Специјалисти треба да влезат, да ги допрат машините, никој не знае што се тоа", рече Борисов додавајќи дека и покрај ситуацијата ГЕРБ нема да бара изборите да бидат откажани.
Овие избори во Бугарија се први во поновата политичка историја на кои се гласа преку машини, според измените на Изборниот законик.
Претходно, претседателот на државата Румен Радев ги повика Бугарите масовно да гласаат.
„Тоа е начин да сфатиме дека ако сакаме да имаме легитимна и стабилна Влада и Парламент, мора да направиме такви работи со нашиот глас, рече Радев откако го искористи своето право на глас.
Претседателот на Бугарија Радев, кој е стар противник на Борисов, е одговорен за формирањето на преодната влада.
За време на Борисов, Бугарија честопати беше критикувана за неуспех во борбата против корупцијата и за лошата состојба со владеењето на правото и слободата на медиумите.
Главениот ривал на партијата ГЕРБ, која го освои првото место со 25,8 проценти од гласовите во април, е опозициската анти-елитистичка партија „Има такви луѓе“, предводена од ТВ водителот Слави Трифонов. Неодамна формираната партија освои 17,4 проценти од гласовите на изборите во април.
Опозициската Социјалистичка партија, чија коалиција доби 14,8 проценти од гласовите во април, се очекува да го заземе третото место, по што следи либералната група Демократска Бугарија, која имаше 9,3 проценти.
Прагот од 4 проценти се очекува да го помине и Новиот сојуз на левиот центар „Стани! Мафијата надвор!“ кој се појави како резултат на масовни минатогодишни антивладини протести.
Демонстрантите го обвинија Борисов за корупција и поврзаност со мафијата. Тие побараа оставки од Борисов и од републичкиот обвинител Иван Гешев.
Аналитичарите проценуваат дека Борисов има мали шанси да се врати на премиерската позиција, дури и ако неговата партија ГЕРБ освои најмногу гласови, бидејќи повеќето политички групи ја отфрлаат можноста да коалицитаат со него.
Избирачките места ќе бидат затворени во 19:00 часот по средноевропско време. Право на глас имаат 6,7 милиони гласачи кои избираат 240 пратеници во Парламентот. Прелиминарните резултати се очекуваат околу полноќ.