Откако започна гласањето на денешните предвремени парламентарни избори во Бугарија, претседателот на државата Румен Радев ги повика Бугарите масовно да гласаат.
„Тоа е начин да сфатиме дека ако сакаме да имаме легитимна и стабилна Влада и Парламент, мора да направиме такви работи со нашиот глас, рече Радев откако го искористи своето право на глас. Тој додаде дека се надева оти партиите ја научиле лекцијата од претходните избори и дека ќе бидат многу поконструктивни и поодговорни во исполнувањето на очекувањата на граѓаните.
Од друга страна, поранешниот премиер Бојко Борисов оцени дека на денешните предвремени избори владее тотален хаос и дека гласови се крадат на избирачките места во странство.
Борисов гласаше со машина во Банкја и побара од секторската комисија да бидат пребројани машините по денот на изборите, бидејќи може да има измами.
Овие избори во Бугарија се први во поновата политичка историја на кои ќе се гласа преку машини, според измените на Изборниот законик.
На предвремените парламентарни избори учестуваат 17 партии и шест коалиции, а право на глас имаат 6.711.048 луѓе. Овие избори беа закажани откако на претходното гласање на 4 април ниту една партија или коалиција не успеа да формира влада.