Нетанјаху ја напушти премиерската резиденција

Бенјамин Нетанјаху.

Поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху и неговото семејство ја напуштија премиерската резиденција, скоро еден месец по крајот на неговото долгогодишно владеење.

Портпаролот на семејството Нетанјаху во саботата по полноќ го потврди напуштањето на резиденцијата во Ерусалим, како што било договорено со новиот премиер Нафтали Бенет, објави Асошиејтед Прес.

По 12 последователни години како премиер и вкупно 15 години на таа функција, Нетанјаху на 13 јуни беше сменет кога израелскиот парламент Кнесет изгласа доверба за новата разновидна коалиција предводена од Бенет.

Владата тогаш соопшти дека е договорено Нетанјаху, сега лидер на опозицијата, да ја напушти резиденцијата на премиерот до 10 јули и дека тој веќе нема таму да одржува официјални состаноци.

Нетанјаху продолжи да прима службени лица во резиденцијата, вклучително и поранешната американска амбасадорка во ОН Ники Хејли, пренесе Франс Прес.

Демонстрантите кои со месеци протестираа пред неговата резиденција, овој пат го исмеваа на социјалните мрежи оценувајќи дека „обвинетиот и неговото семејство бегале ноќе како крадци“.

Нетанјаху е обвинет за корупција, а против него се чекаат три тужби.

Тој е обвинет за примање скапи подароци од богати приврзаници и дека се договарал со сопственик на голем тиражен весник да известува позитивно за него, а покрај тоа на телекомуникацискиот магнат му правел услуги од слични причини.

Нетанјаху, кој е политичар со најдолг стаж како израелски премиер, негира дека сторил какво било злосторство и долго време одбиваше да се повлече и покрај повеќемесечните протести против него.

Бенет сè уште не објави кога ќе се пресели во резиденцијата. Израелските медиуми претходно пишуваа дека тој сака да остане во својата куќа во Ранана, во близина на Тел Авив.