Невреме во Ранковце предизвика материјални штети и прекин на струја

Невреме во регионот на општина Ранковце.

Делови од земјава денеска беа погодени од силно невреме, како во кичевско и околината и реонот на општина Ранковце, при што беа предизвикани метеријални штети, прекин на струја и отежнат сообраќај.

Невремето во Ранковце со дожд и силен ветер направи штета и прекини во напојувањето со електрична енергија. Според градските власти во Ранковце, најпогодени од невремето се селата Гиновци, Петралица и делови од Одрено.

Градоначалникот на општина Ранковце Ивица Тошевски изјави дека силниот ветер и поројниот дожд направиле голема материјална штета во во селата и дека биле паднати дрвја, оштетени кровови, искинати кабли за телефон, интернет и кабли за струја.

„Како локална самоуправа презедовме интервентни активности во координација со Територијалната противпожарна единица“, рече Тошевски додавајќи дека допрва ќе се утврдуваат штетите настанати во земјоделските култури.

Кичево и околината исто така беа зафатени од силно невреме во доцните попладневни часови. Имаше пороен дожд, ветер и силни електрични празнења.

Набрзо на улиците имаше голема количина на вода и сообраќајот се одвиваше отежнато, особено во деловите каде нема атмосверска канализација.