Борел: ЕУ мора да го задржи Западен Балкан на европскиот пат

Жозеп Борел.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел денеска изјави дека ЕУ мора да го задржи целиот регион на Западен Балкан на европскиот пат.

„ЕУ е најдобрата комбинација на политички слободи и економски напредок, како и социјална солидарност во светот. Ние не сме совршени, но сме најдобри, затоа мора да продолжиме со секој што ја дели нашата визија. Тоа значи да се задржи нашето внимание на Западен Балкан и целиот регион, вклучително и заживување на дијалогот меѓу Србија и Косово “, рече Борел во обраќање на Форумот во Дубровник.

Тој наведе дека на повидок е излезот од тунелот на ковид пандемијата, но рече дека сите мора да останат будни заради новите варијанти што се појавуваат и повика на соработка со Русија и Кина.

Тој предупреди на влошената состојба во Африка, каде што беа вакцинирани само три проценти, наспроти 60 проценти во Европа. Борел оцени дека една од последиците на пандемијата ќе бидат понесигурен, помалку еднаков и помалку слободен свет.

„Нееднаквоста ќе биде видлива не само меѓу земјите, туку и во рамките на секоја земја“, рече тој додавајќи дека вакцините се одлучувачки фактор за надминување на пандемијата „без кои оваа битка не може да се добие.“

Тој посочува дека имало многу поделби на меѓународно ниво и недостиг на соработка. Борел рече дека е важно како ЕУ ќе се позиционира во триаголникот со САД и Кина којшто, како што вели, бележи неверојатен економски развој.

Тој вели дека гледа оти влијанието на Кина ќе расте низ целиот свет.