Заев бара објаснување од Џафери за обраќањето на албански во ЕП, ВМРО-ДПМНЕ бара оставка

Архива (Илустративна фотографија). Претседателот на Собранието Талат Џафери во Комисијата за надворешни работи на ЕП се обрати на албански јазик, по што опозицијата поднесе кривична пријава и инетепелација, како што наведоа, поради „свесно кршење на Уставот и законите“.

Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев денеска изјави дека претседателот на Собранието Талат Џафери „спротивно на уставот“ се обратил на албански јазик во европскиот Парламент.

Заев рече дека Џафери на две сесии во ЕП зборувал на македонски јазик, додека на третата зборувал на албански, бидејќи бил „испровоциран од некои поединци од соседна Бугарија“, рече Заев.

„Нема да побарам одговорност затао што очекувам токму од претседателот на Собранието да го објасни тоа што таму се случило, затоа што тој е еден од главните чувари на Уставот на Република Северна Македонија“, рече Заев.

Од Џафери засега нема објаснување, но за случајот партиите Левица и ВМРО-ДПМНЕ на 5 јуни поднесоа интерпелација за претседателот на Собранието. Пратеникот на Левица Димитар Апасиев изјави дека интерпелацијата е поднесена, бидјеќи претседателот на Собранието направил „повреда на Амандманот V од Уставот на РМ, преку неупотреба на македонскиот јазик во излагањето пред Комитетот на министри на Европскиот парламент, како единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова истакна дека има многу причини за интерпелација на Џафери, но дека она што се случило во Европскиот парламент цврсто ги уверило дека интерпелацијата сега треба да биде поднесена.

Денеска ВМРО-ДПМНЕ реагираше и на изјавата на Заев. Од партијата наведоа дека Џафери „наместо да се објаснува“, треба „да си замине од позицијата претседател на Собранието.“

„Одговорот дека Талат Џафери го прекршил Уставот, но дека ќе го објасни, тоа не е одговор и треба да има одговорност. Тој треба да понесе политичка одговорност“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.