Хаити побара странски трупи да бидат испратени во земјата за да ја заштитат инфраструктурата, додека карипската држава се обидува да се стабилизира и да се подготви за избори по убиството на претседателот Јовенел Моис.
Барањето беше испратено од владата до САД и ОН, но САД соопштија дека „во моментов“ не планираат да му понудат воена помош на Хаити.
Хаитската полиција претходно соопшти дека група од 28 странски платеници на 7 јули го убиле претседателот Моис.
По вооружената борба во главниот град Порт-о-Пренс, 17 од нив се приведени.
Некои членови на групата, во која Хаити вели дека се вклучени пензионирани колумбиски војници, биле приведени во куќата што ја користеле, додека други биле приведени откако влегле во тајванскиот дипломатски комплекс, соопшти полицијата.
Полицијата ликвидираше некои од осомничените, а се трага по уште осум лица.
Иако САД нема да понудат војници, Вашингтон на 9 јули соопшти дека испраќа агенти на Федералното биро за истраги (ФБИ) и Одделот за национална безбедност за да помогнат во истрагата.
Советот за безбедност на ОН ќе мора да одобри каков било план за испраќање меѓународни трупи на Хаити под покровителство на ОН.
Атентатот врз шефот на државата предизвика граѓански немири во Хаити, која е најсиромашната земја во Америка. Вонредната состојба останува во сила низ целата земја и не е јасно во чија надлежност е владата на земјата.
На 9 јули група пратеници од Хаити го признаа претседателот на распуштениот Совет, Џозеф Ламберт, за вршител на должноста шеф на државата и на тој начин се спротивставија на привремената влада. Тие за премиер го признаа Ариел Хенри, кого атентатираниот претседател го избра да го замени Клод Џозеф ден пред атентатот. Хенри сè уште не ја презеде функцијата, ниту пак формираше влада.
Џозеф изрази зачуденост што некои се обидуваат политички да го искористат атентатот врз претседателот и рече дека Хаити може да добие нов претседател само преку избори.