Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека ситуацијата со Ковид-19 е стабилна и дека нема потреба од воведување на нови мерки.
„Политиката на затворање се спроведуваше во периодот кога не беа достапни вакцините. Сега кога ги има и кога се достапни акцент треба да се стави на процесот на вакцинација. Гледаме дека и Англија, иако има нови случаи, се попуштаат мерките. Да не живееме затворени, туку да се вакцинираме масовно“, изјави Филипче.
Тој најави дека од понеделник почнува теренска вакцинација и вакцинирање на граѓаните без закажување.
Филипче исто така рече дека е можно да се очекуваат нови мутации на вирусот и дека секој следен бран треба да го „дочекаме подготвени“ со масовна вакцинација.
Според податоците на Министерството за здравство досега во земјава се аплицирани вкупно 652.680 дози вакцини, а ревакцинирани се над 243 илјади граѓани.
Филипче додаде дека во лабораториите во земјава не е регистриран нов случај на делта сој освен постојните, но дека во лабораторијата на МАНУ има четири случаи кои треба да бидат секвенционирани, а се суспектни на јужноафриканскиот сој.
Во моментов во земјава има 160 активни случаи на Ковид-19, од кои 58 се во главниот град Скопје.