Директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, Аспазаија Софијанова изјави денеска дека според нивните сознанија, заспаниот имунолошки систем веројатно е причина за инфекција на дишните патишта кај децата во Гевгелија.
„Лично по нашите искуства сметаме дека заспаниот имун систем кај децата доведе до она што беше нормална патологија во февруари и март да го гледаме сега не само овде, туку и во други градови во земјава“, рече Софијанова по посетата на гевгелиската Општа болница.
Во текот на вчерашниот ден Министерството за здравство соопшти дека вкупно 50 деца и бебиња од Гевгелија во изминатиов месец побарале лекарска помош во локалната општа болница, со респираторна инфекција која не е типична за овој период од годината.
Екипата од Скопје во Гевгелија кај децата направила брзи ПЦР тестови кои сите биле негативни, а извршила увид во документацијата на сите деца кои изминатиов месец имале потешкотии во дишењето и земале дополнителни материјали кои ќе бидат доработени на Клиниката во Скопје. Во гевгелиската болница сега се хопитализирани две деца, а 20 деца на возраст од две до пет години примаат терапија.