Народниот правобранител бара да се најде решение за граѓаните со истечени лични карти

Илустрација

Владата и деловните банки да најдат решени за да им излезат на граѓаните со истечени лични документи, кои поради тоа не можат да си извадат пари од банка и да си платат сметки бара Народниот правобранител. Во последните недели настана проблем во земјава со вадењето лични документи.

„Недозволиво е слабостите во системот за издавање на лични документи во Министерството за внатрешни работи да се прекршуваат врз грбот на граѓаните и неправедно да им создаваат дополнителни проблеми, посебно што во принцип станува збор за категорија на граѓани кои спаѓаат во групата на постари лица кои не ги користат дигиталните, туку оние традиционалните банкарски услуги, односно пензиите и платите, ги подигнуваат непосредно од шалтерите на банките“, се вели во соопштението од Народниот правобранител.

Народниот правобранител апелира да се најде начин да се надмине проблемот со издавање лични документи оти наесен треба да се одржат прво попис, па потоа и избори, а за тие операции се потребни важечки лични документи.