Српското министерството за внатрешни работи соопшти дека полицијата во Нови Сад, во текот на првиот ден од фестивалот „Егзит“, запленила наркотици од 55 луѓе. Уапсени се 54 лица за неовластено поседување наркотични средства и едно лице за неовластено производство и пуштање во промет на наркотици. Од уапсените 31 се странски државјани.
Министерот за внатрешни работи Александар Вулин повтори дека припадниците на полицијата во согласност со законот на „Егзит“ ќе апсат и казнуваат дилери на дрога, како и оние кои конзумираат наркотици.
„Уживајте во музиката, не земајте дрога“, изјави Вулин по првиот ден од Егзит.
На првата вечер на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, на тврдината Петроварадин престојуваа околу 42.000 посетители од 70 земји, соопштија организаторите. За влез на „Егзит“, потребен е зелен дигитален сертификат, а невакцинираните мора да имаат негативен ПЦР или антигенски тест. За посетителите организаторите обезбедија бесплатно антигенско тестирање.