Литванија поставува бодликава жица на границата со Белорусија

Мигранти уапсени на границата меѓу Белорусија и Литванија

Литванија почна да гради бариера на границата со Белорусија, во услови кога има наплив на илегални мигранти. Литванските власти обвинуваат дека Белорусија намерно ги пропушта мигрантите да минат на литванска територија, во знак на одмазда за санкциите на Европската унија.

Литванската гранична стража денеска соопшти дека војската започнала да поставува жичана ограда долж границата, за да спречи проток на мигранти. Стотици дошле на литванска територија само во последните неколку недели.

Бариерата од бодликава жица ќе биде долга 30 километри. Новинската агенција Ројтерс цитираше портпарол на армијата, според кого, првиот потег од бариерата ќе биде 500 метри во должина и 1,8 метри во висина.

Вилнус ја обвини Белорусија дека дозволи мигрантите да преминуваат во Литванија како одговор на санкциите воведени од ЕУ откако Минск принуди авион на Рајанер да слета на нејзино тло за да ги уапси опозицискиот блогер Раман Пратасевич и неговата девојка од Русија, Софија Сапега.

Како одговор на санкциите, белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко се закани дека неговата земја повеќе нема да ги спречува мигрантите да ја преминуваат границата и за влезат во Литванија, кога е земја членка на ЕУ.

Од таа закана дадена во мај, стотици луѓе, претежно Ирачани, нелегално ја минале границата, соопшти Министерството за надворешни работи на Литванија.

Вкупно 779 илегални мигранти ја преминале границата Белорусија-Литванија во првите седум дена од јули, во споредба со 636 во текот на првите шест месеци од годината, се наведува во извештајот на Царинската управа. Литванија примаше не повеќе од 104 мигранти годишно во текот на 2018-2020 година.