Рокот за легализација на бесправно изградени објекти ќе биде продолжен за уште пет години и ќе важи за сите дивоградби направени до 2011, а за кои има доставено предмети до општините до 2018. Законското решение наскоро треба да се најде на пленарна седница.
Собраниската Комисија за транспорт и врски денеска го заврши второто читање на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и го проследи на натамошно читање. Пратениците се согласија дека треба да организираат надзорна или јавна расправа воопшто за состојбата со градење во земјата со учество на експерти и граѓански организации. Тие истакнаа дека се останати уште 140 илјади нерешени предмети за што се доставени барања за легализација до општините.
Претседателот на Комисијата Владо Мисајловски од ВМРО ДПМНЕ, смета дека има системски проблем бидејќи нелегални објекти добиваат дозволи за вода и струја од јавните претпријатија со што се прекршува законот и се прават кривични дела.
Собранието во мај изгласа Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти во кој се предвидуваше да може да се легализираат дивоградби и во заштитени подрајча, а како исклучок беше споменато само Охридското Езеро.
Претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за законот да стапи во сила и го врати во Собранието со забелешки за кршење на Уставот, по што се подготвуваше нов закон.