Министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека на комисиска расправа заедно со пратениците ќе се направи измена за забрана на увозот на РДФ( отпад што се користи како гориво), бидејќи, како што вели, има сомнеж дека државата не е подготвена за соодветна имплементација на предвидената регулација.
Нуредини денеска е во Собранието, каде започна комисиска расправа за пакетот закони за управување со отпад. Се работи за шест закони од областа на управувањето со отпадот, за кои Нуредини вели дека се предлог закони за кои најдолго и нашироко се консултирале сите страни.
Но, вели тој, деновиве во јавноста стана актуелно едно конкретно прашање во однос на увозот на отпадот што ги загрижува граѓаните. Според предлог законот било предвидено државата да може да увезува РДФ, пред да почне и самата да го создава од својот отпад.
„Меѓутоа, јас ја разбирам загриженоста на граѓаните за недоволната контрола и немањето на капацитет за редовна и темелна инспекција“, рече министерот Нуредини.
Тој се надева дека законите ќе бидат што поскоро усвоени и да почнат да се применуваат, за да се реши, како што вели, горливиот проблем со отпадот на современ и европски начин.