И руските власти и претставници на талибанците тврдат дека талибанците контролираат се поголема територија во Авганистан, вклучително и големи делови на границата. Делегација на талибанците е во посета на Москва. Изјавите доаѓаат во време кога меѓународните сили предводени од САД се повлекуваат од Авганистан.
Од руското Министерство за надворешни работи денеска соопштија дека талибанците контролираат 85 проценти од границата меѓу Авганистан и Таџикистан, но изјавата тешко може да се потврди. Во соопштението се додава дека руските сили ќе дејствуваат решително за да спречат агресија и провокации на границата.
Министерството ги повика сите страни да покажат воздржаност.
Се претпоставува дека десетици области во Авганистан сега се под контрола на талибанците, откако на 1 мај меѓународните сили предводени од САД официјално го започнаа повлекувањето од земјата, оставајќи ги владините сили ранливи на напади. Но руското МНР цитирајќи ги талибанските власти вели дека групата не бара да има целосна моќ во Авганистан.
Американскиот претседател Џо Бајден на 8 јули рече дека американската воена мисија во Авганистан ќе заврши на 31 август.
Претставникот на талибанците, Шахабудин Делавар, беше цитиран денеска како вели дека групата сега контролира 85 проценти од авганистанската територија. Тој вели дека областите под контрола на талибанците функционираат како и обично и ги повика меѓународните хуманитарни организации да продолжат со своите напори во Авганистан.
Руски функционери, меѓу нив и специјалниот пратеник на Кремљ за Авганистан, Замир Кабулов, исто така, вчера разговарале со талибанците, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Претставниците на талибанците кои ја посетија Москва велат дека тоа што држат области под контрола во Авганистан не претставуваат закана за Русија или државите од Централна Азија.