Специјалниот пратеник на ОН за Хаити, Хелен ла Лиме изјави дека премиерот Клод Жозеф ќе ја предводи карипската нација сè додека не се одржат избори и ги повика сите страни да ги остават настрана разликите по убиството на претседателот Жовенел Моиз. Таа зад затворена врата го извести Советот за безбедност на ОН за ситуацијата на Хаити по убиството на претседателот.
Претходно полицијата во Хаити соопшти дека убила седуммина и уапсила шестмина осомничени за атентатот врз претседателот Жовенел Моиз. Во тек е потрага по други лица одговорни за завчерашниот напад врз резиденцијата на претседателот на државата, кога беше убиен Моиз, а неговата сопруга Мартин беше тешко ранета.
САД со помош за Хаити по атентатот на претседателот
Најмалку двајца осомничени биле уапсени од лути граѓани во Порт-о-Пренс и предадени на полицијата. Толпата подоцна запали неколку напуштени автомобили со дупки од куршуми за кои се верува дека им припаѓале на осомничените. Властите не објавија информации за осомничените или можен мотив за нападот, кој според полицијата го извршила „екстремно обучена и тешко вооружена група“.
Хаити, политички нестабилната и најсиромашна земја на западната хемисфера, е турната во нови превирања со атентатот врз Моиз, а кризата дополнително се комплицира од политичкиот вакуум и неизвесноста кој би можел да ја преземе власта.