Изминатиов месец во болницата во Гевгелија лекарска помош побарале 50 деца и бебиња со симптоми за респираторни инфекции, неспецифични за овој период од годината.
Во текот на утрешниот ден, тим од Клиниката за педијатрија, во состав д-р Аспазија Софијанова, д-р Весна Мицевска и д-р Валентина Јовановска Огненовиќ ќе бидат упатени во Општата болница Гевгелија за поддршка на педијатрите и евентуални дополнителни испитувања во делот на специфична дијагностика.
Како што информира Министерството за здравство, во моментов во болницата во Гевгелија хоспитализирани се само две бебиња, поради возраста, а 20-тина деца се на терапија, но не се задржани во болница.
„Општата болница Гевгелија досега ги има преземено сите здравствени протоколи за третман на младите пациенти, но поради неспицифичноста на самите инфекции кои се појавиле во топлиот период, а карактеристични се за есен и зима, потребни се дополнителни анализи и по нивното завршување јавноста ќе биде информирана“, се вели во соопштението од Министерство за здравство.