Ангелов: Општините да се погрижат за противпожарните единици

Пожар и пожарникари во Љубин

Еден пожар е се уште активен, но ставен под целосна контрола и тоа во Липково, додека во текот на вчерашниот ден имало активни шест поголеми пожари низ земјава, соопшти денеска в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Тој апелираше до граѓаните да бидат повнимателни и да ги почитуваат делумните забрани за движење во шуми, затоа што како што вели најчеста причина за настанување пожар е човечкиот фактор. Апелираше и до сите градоначалници да се погрижат за нивната територијална противпожарна единица и тимовите, кои со закон се должни да ги имаат, да ги зајакнат и со опрема, но и со бројност, за да можат да пружат прв одговор при појава на посериозни пожари на отворено или шумски пожари.

„Секоја општина е должна да има тимови составени претежно од вработени во локалната самоуправа или други лица кои во случај на поголем пожар можат да бидат активирани во гаснење. Доколку овие сили на локалната самоуправа не се доволни, тие се должни да бараат помош од соседните општини. Ако и тие сили не се доволни се бара помош од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). ДЗС има два авиона кои моментално не се функционални односно не се функционални повеќе од две години и не може да се смета на нив“, изјави Ангелов.

Ангелов информираше дека од директорот на ДЗС Беким Максути бил информиран дека се работи за надминување на застојот на тендерот за сервисирање на двата авиона.

„Тие авиони имаат лимитирано дејство затоа што можат да полнат вода само на некои локации. Ние имаме водни површини што имаат концесионери и без дозвола авионите не моѓат од таму да полнат вода. Претходните години се наоѓавме во ситуација кога авионите со кои се гаснат пожарите биле полнети со црево на аеродром“, истакна Ангелов.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ако има пожар нема да се гаси авионски

Ангелов додаде дека во македонски услови за гасење пожар се поефикасни хеликоптерите, кои се со ограничен број и со ограничени можности и спаѓаат во последно средство за одговор при пожари.

Штетата направена од пожарите во 2017 годна е проценета на околу 31 милион евра, во 2018 година штетата е 1.100.000 евра, додека во 2019 година изнесува е 13 милиони евра, а лани таа изнесувала 1.3 милиони евра.