Соединетите американски држави се подготвени да дадат каква било помош на Хаити по убиството на нејзиниот претседател Жовенел Моиз. Ова го соопшти американскиот Стејт департмент, посочувајќи дека очекува да добие барање за одбранбена опрема.
Портпаролот на одделот Нед Прајс на редовен брифинг со новинарите изјави дека Соединетите држави побарале од властите во Хаити да ги изведат одговорните за убиството пред лицето на правдата. Прајс додаде дека дел од информациите дека напаѓачите биле агенти на ДЕА се „апсолутно лажни“, јавува новинската агенција Ројтерс.
Претседателот на Хаити, Моиз беше застрелан вчеравечер при вооружен напад од неидентификувани лица во неговата приватна резиденција околу 1 часот по полноќ .
Привремениот премиер Клод Жозеф го осуди убиството, кое тој го нарече „омразен, нехуман и варварски чин“, додавајќи дека националната полиција на Хаити и другите власти ја контролираат ситуацијата во карипската земја.