Вкупно десет потврдени случаи на делта сој

Илустрација

Десет случаи на заразени со индискиот сој на корона вирусот се регистрирани во државава. Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека последните четири случаи на заразени со индискиот сој денеска се потврдени во лабораторијата во МАНУ и тие немале премногу контакти.

„Имаат патувано во странство. Тоа се две двојки и нема епидемиолошки ризик. Сега епидемиолозите ја вршат таа работа која ја вршеа на почетокот, индивидуални контакти, изолација итн“, рече Филипче.

До крајот на неделава, членовите на Комисијата за заразни болести ќе дискутираат дали сегашната состојба бара воведување некакви рестриктивни мерки, најави Филипче.

Посочи дека околу 400 илјади граѓани се веќе вакцинирани од кои 240.000 се ревакцинирани, а до крајот на оваа недела ќе заврши и вакцинирањето на сите 60.000 пријавени кои добиле термин заедно со граѓаните кои се вакцинирани во Србија.

„За неколку месеци на крајот на годината може ќе се појави нов сој кој исто така можеби побрзо ќе се шири од овој. Битно е луѓето да се вакцинираат. Очекувањата се дека ако е поконтагиозна како сој варијантата дека таа ќе стане доминатна. Доколку сме вакцинирани во висок процент и има одреден степен со вакцинален колективен имунитет колку и да е позаразен нема да се повтори претходната слика со британскиот сој и тој силен бран,“ рече Филипче.

Здравствените власти најавуваат дека од понеделник ќе почне теренската вакцинација, а ќе се дозволи вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на Фајзер. Филипче потенцираше дека во моментот оваа вакцина е единствена која е дозволена да се користи согласно препораките во внатрешното упатство за оваа категорија на деца на оваа возраст и додаде дека досега нема нус појави кај вакцинирани деца.