Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на денешната прес-конфернеција истака дека се преговара за повлекување на концесионерите за изградба на мали хидроцентрали на Шар Планина. Како што рече, дел од нив се подготвени да се повлечат, а за другите се очекува да се најде заедничко разбирање.
„Има седум одлуки од Владата за концесии. Јас имав разговори со овие концесионери за да се почнат преговорите. Имавме неформален разговор и се надевам дека во многу брзо време ќе имаме и формален договор за да се тргнат. На пример во Лешница ќе се тргнат, но сме во комуникација и со останатите, преговараме нормално, ние се грижиме и за природата но истовремено и за државниот буџет, за да немаме многу загуби за ова“, рече Нуредини.
На новинарско прашање околу состојбата со дивите платформи на Матка и барањата за легализација кои „две ипол години стојат во фиока“ кај градоначалникот на Општина Сарај, министерот за животна средина и просторно планирање рече дека од почеток на мандатот тој е за заштита на природното наследство.
„За Матка законот е при крај кој што ќе го предложиме, овде останува само некој дел за менаџирањето на Матка. Законот наскоро ќе биде предложен во Влада кога ќе биде и усогласен. Ние како институција не си ја префрламе топката, но ние не сме за легализација, за ова може да одлучи градоначалникот на Општината, но ние сме овде за соработка со сите, а за зонирањето точно каде ќе се дозволи, а каде нема да се дозволи градење тоа се активности кои ќе се одредат во зоните. Ова ќе го презентираме кога ќе биде готово,“ образложи Нуредини.