Контроверзниот закон за забрана на материјали што може да се сметаат за промовирање на хомосексуалноста или промена на полот на малолетници, денеска стапи во сила во Унгарија и покрај тоа што многу земји-членки на ЕУ се залагаат за еднакви права на лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите лица (ЛГБТ).
Унгарскиот парламент минатиот месец донесе закон со кој се забранува „прикажување или промовирање“ на хомосексуалноста или промена на полот во телевизиски емисии, филмови и програми за сексуално образование на деца во училиштата.
Критичарите остро го критикуваа законот како напад врз правата на ЛГБТ луѓето, велејќи дека со него се стигматизираат сексуалните малцинства и се обидува да се задуши дискурсот за сексуалната ориентација.
Протести против законот се одржаа минатиот месец во Будимпешта, а некои членки на ЕУ упатија остри критики до премиерот Виктор Орбан за време на самитот минатата недела. Францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте сметаат дека Орбан или треба да ги поддржи вредностите на ЕУ или да ја отстрани Унгарија од Унијата.
Пред самитот, лидерите на 17-те земји-членки на ЕУ потпишаа писмо во кое осудуваат каква било форма на дискриминација заснована на сексуална ориентација, велејќи дека „почитувањето и толеранцијата се основата на европскиот проект“.
- Орбан критикуван од ЕУ за контроверзниот унгарски закон за ЛГБТ
- ЕУ до Унгарија- или почитувај ги правата на ЛГБТИ или оди си
Иако Унгарија не беше експлицитно спомената во писмото, очигледно беше кому се однесува, пишува англискиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ). Група од 13 земји на ЕУ, вклучувајќи ги Германија, Холандија, Шведска, Франција, Белгија, Луксембург и Ирска, отидоа уште подалеку, осудувајќи ја Унгарија за законските измени.
Покрај тоа, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен употреби невообичаено груб јазик, нарекувајќи го законот „срамен“ и рече дека извршната власт на ЕУ размислува за правни активности затоа што ги нарушува основните вредности на Унијата. Само Полска и Словенија го поддржаа Орбан во врска со законот.