Патничкиот авион со 28 патници денеска се урнал во морето во близина на Полуостровот Камчатка на крајниот исток на Русија, објави руската државна новинска агенција РИА Новости, пренесува Си-Ен-Ен.
Авионот „Антонов Ан-26“ летал од главниот град на регионот Петропавловск-Камчатски кон селото Палана, на северот од Камчатка, кога ја пропуштил закажаната комуникација и исчезнал од радарот, наведува службата за локални итни ситуации и транспорт.
Во авионот имало 22 патници и шест членови на екипажот, соопшти руското Министерство за вонредни состојби. Двајца патници се деца на возраст под 12 години, според заменик-претседателот на Владата на Камчатка, Александар Заболиченко.
Во тек се операции за пребарување и спасување. Неколку бродови беа испратени во потрага по авионот, пренесе РИА повикувајќи се на службите за итни случаи.
Исто така, започната е истрага за усогласеност со безбедносните прописи.
„Доколку се откријат прекршоци, ќе бидат преземени мерки за реакција“, изјави обвинителството за транспорт на Камчатка за руската државна новинска агенција ТАСС.
Времето беше облачно и магливо во тој дел од денот, а несреќата е можно да се случила поради грешка на пилотот во услови на слаба видливост, јавува ТАСС повикувајќи се на извор од службите за итни случаи.
Русија веќе долго време има лоша репутација за безбедноста во авијацијата.
Лошото техничко одржување и отсуството на строги безбедносни правила оставија траен белег во рускиот авио-сектор.
Последната сериозна несреќа датира од мај 2019 година, со присилното слетување на авионот „Сухој Суперџет“ на националната компанија Аерофлот, кој се запали на пистата на московскиот аеродром при што загинаа 41 лице.
Во февруари 2018 година, авион АН-148 се урна непосредно по полетувањето во близина на Москва, при што загинаа 71 лице. Истрагата утврди дека несреќата била заснована на човечка грешка.
Авионскиот транспорт е исто така предмет на чести тешки услови за летање во далечените области на Арктикот и на Далечниот Исток.