Пакистан го затвори главниот премин на границата со Авганистан

Границата меѓу Пакистан и Авганистан.

Пакистан го затвори клучниот граничен премин со Авганистан, без да даде временска рамка за повторно отворање.

Министерот за внатрешни работи Шеик Рашид Ахмад објави дека терминалот Торкхам ќе биде затворен од 6 јули, сè додека не бидат дадени понатамошни насоки од Националниот команден и оперативен центар (НКОК), органот кој е одговорен за мерките против коронавирусот.

Претходно, НКОК објави зголемување на бројот на нови случаи со Ковид-19 во текот на претходните седум дена и издаде предупредување дека во јули е можно Пакистан да биде погоден од нов бран на пандемијата. Од минатата година, Пакистан досега пријави 964.490 потврдени случаи од коронавирусот, меѓу кои 22.452 смртни случаи.

Одлуката за затворање на Торкхам во провинцијат Кибер-Пахтунхва доаѓа во момент на влошување на безбедносната ситуација во Авганистан, а меѓународните трупи ја напуштаат земјата и талибанците брзо го заземаат теренот.

Пакистан и Авганистан исто така меѓусебно се обвинуваат дека се домаќини на терористички групи кои започнуваат напади врз соседната земја.

Во март 2017 година Пакистан започна да ја оградува границата со Авганистан со должина од 2.600 километри за да го ограничи движењето на милитантните групи и да ги прекине обвинувањата за прекугранични упади. Работата со оградувањето се очекува да заврши овој месец.