Филипче - Потврден четврти случај на делта сојот

Архива: Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција пред СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје каде се врши вакцинацијата.

Потврден е четврти случај на заразен со делта сојот на коронавирусот во земјава, додека четири други лица се суспектни, соопштија денеска македонските здравствени власти.

Новорегистрираното лице со индиската варијанта се лекува во болница во Велес и е со лесна клиничка слика, а од четворицата суспектни, еден е во лоша здравствена состојба и е приклучен на респиратор, а три лица се со стабилна клиничка слика, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Тој додаде дека во текот на денот ќе се знае дали суспектните пациенти се заразени со делта сојот.

„Скринингот кој се прави на тестовите во Институтот за јавно здравје лабораторијата на МАНУ ја исклучува британската варијанта на вирусот. Тоа значи дека секаде каде што ќе се покаже дека не е британската варијанта, се прави секвенционирање за да се потврди присуство на индискиот сој“, изјави Филипче.

Министерот за здравство посочи дека во моментов нема притисок во болниците и дека Комисијата за заразни болести засега не планира мерки во однос на штитењето на границите.

„Ова прашање се постави за време на вчерашниот состанок на Комисијата и ќе го евалуираме во текот на оваа недела. До крајот на оваа недела, најкасно почеток на следната недела ќе заземе став“, вели Филипче.

Инаку, новиот бран на коронавирусот предизвикан од заразниот делта сој засилено се шири во неколку земји во Европа. Делта сојот на вирусот се појави во Индија и е многу позаразен од претходните варијанти.

Ексерти од светот предупредуваат дека делта сојот во текот на летото ќе стане доминантен во светот, а Сетската здравствена организација (СЗО) предупреди дека нов бран инфекции во Европа е неизбежен.