Здравствените власти во Њујорк и Израел ги следат податоците поврзани со делта варијанта на коронавирусот, бидејќи ширењето на овој заразен вид предизвикува загриженост низ целиот свет.
Стапката на позитивни случаи на Ковид-19 во Њујорк бележи благо зголемување во последните неколку недели, а Израел забележа пад на заштитата што ја нуди вакцината Фајзер, покажуваат податоците.
Но, и покрај овие бројки повеќето други статистички податоци за коронавирусот во Њујорк се во тренд на опаѓање.
Израелското Министерство за здравство на 5 јули објави намалување на ефикасноста на вакцината во спречување на инфекции и симптоматска болест, но рече дека таа останува многу ефикасна во спречување на сериозна болест.
Министерството наведе дека падот на заштитата се совпаднал со ширењето на делта варијантата во Израел и со крајот на ограничувањата за социјално дистанцирање.
Делта варијантата преовладува во Велика Британија, но премиерот Борис Џонсон вчера изјави дека земјата на 19 јули ќе ги укине повеќето од ограничувањата.
Џонсон рече дека пандемијата е далеку од завршена, а дека ефективноста на кампањата за вакцинација значи дека земјата може да продолжи со олеснување на ограничувањата и „да им дозволи на луѓето да донесуваат свои информирани одлуки“.