Не можевме да предвидиме дека Бугарија ќе го блокира почетокот на преговори на Северна Македонија со ЕУ, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот со лидерите од Западниот Балкан во рамките на Берлинскиот процес, јавуваат македонските медиуми.
На прес конференцијата по виртуелниот состанок со лидерите на шесте западнобалкански држави, Меркел го поздравила напредокот во регионот, но оценила дека треба уште многу да се сработи. Генералната оценка на Меркел била дека во последните 7 години, од почетокот на таканаречениот Берлински процес, имало успеси, но и дека останува доста да се сработи во делот на борбата против корупцијата. Како позитивен пример од регионот таа го посочила „ветинг“ процес во Албанија и оценила дека Берлинскиот процес отворил нов квалитет во соработката во регионот.
Германската канцеларка уште еднаш повторила дека иднината на регионот е во ЕУ и тоа, според неа, не е интерес само на земјите од Западниот Балкан туку и на самата ЕУ. Според Меркел тешкотиите со кои се соочува регионот се: спорот меѓу Србија и Косово, состојбата во БиХ, како и спорот меѓу Бугарија и Македонија.
„Потребно ни е многу трпение, но и голем ангажман за да се надминат овие спорови“ изјави Меркел.
Меркел на прес конференцијата по состанокот ги споменала и придобивките од Процесот како што е проектот на заедничкиот регионален пазар на кој во моментов се работи, но и регионот без роаминг, како и формирањето на младинскиот форум.
Темата Македонија – Бугарија, како и релациите Србија – Косово биле само дел од темите за кои се разговарало на осмиот состанок на Берлинскиот, кој е посветен на регионалната соработка во делот на економијата и инфраструктурата.
На денешниот самит учествуваа и земјите членки на ЕУ – Франција, Австрија, Грција, Хрватска, Словенија, Италија, Бугарија, како и претставници на Унијата, а домаќин беше Германија.