Заев: Регионалната соработка не е замена за интеграција во ЕУ

Премиерот Зоран Заев денес учествуваше на Самитот на земјите од Западен Балкан

Регионалната соработка е основен фактор за поврзување и економски прогрес, но не е замена за членството на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, порача премиерот Зоран Заев во обраќањето на Самитот на земјите од Западен Балкан во рамки на Белинскиот процес.

Самитот го отвори германската канцеларка Ангела Меркел која во своето обраќање се заблагодари на целиот регион, на политичките лидери, како и на сите меѓународни институции, Европската Комисија и земјите членки на ЕУ кои го потпомагале овој процес во изминатите седум години, се вели во владиното соопштение. Покрај лидерите од регионот на Самитот се присутни и премиерите од земјите членки на ЕУ како Грција, Хрватска, Словенија, Италија, Бугарија, францускиот претседател Емануел Макрон и австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Според владиното соопштение Заев изјавил дека Берлинскиот процес успеа да го придвижи Западен Балкан во вистинската насока, особено во врска со регионалната економска соработка.

„За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Имајќи го тоа предвид, од неодамна влеговме во нова фаза на нашата соработка. Имено како регион преземавме на наш товар многу иницијативи и процеси, но исто така испорачавме и резултати“, изјави Заев.

Тој потенцира дека проширувањето на ЕУ претставува стратешка цел за земјите од Западниот Балкан и оти целосната интеграција на Западен Балкан во европското семејство треба да биде природен исход на реформскиот пат на регионот и столб за долгорочен мир и стабилност.