Левица и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација за Џафери

Претседателот на Собранието, Талат Џафери

Левица и ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесоа интерпелација за претседателот на Собранието Талат Џафери. Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев изјави дека интерпелацијата е поднесена поради три главни причини.

„Повреда на Амандманот V од Уставот на РМ, преку неупотреба на македонскиот јазик во излагањето на Џафери пред Комитетот на министри на Европскиот парламент, како единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката, свесно и злонамерно истиснување на македонскиот јазик од интерната употреба во парламентот, преку противуставно, противзаконско и противделовничко доставување само на двојазични материјали за сите пратеници (на македонски и на албански јазик), а не само за оние пратеници кои говорат друг јазик во службена употреба, различен од македонскиот и повреда на Протоколот и Дополнението на протоколот за организирање седници во услови на коронакриза, кога спикерот- правејќи кривично дело- дозволи двајца позитивни пратеници на Ковид-19 да гласаат во скафандери во Собранието на РМ, свесно загрозувајќи го здравјето на сите останати пратеници“, рече Апасиев на прес-конференција.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова истакна дека има многу причини за интерпелација, но оти она што се случило во Европскиот парламент цврсто ги уверило дека сега треба да биде поднесена интерпелација за Џафери.

„Можеби се ова најтешките моменти на атак на македонскиот јазик не само однадвор, од соседството туку и одвнатре. Суспендирајќи го македонскиот јазик како ексклузивен во меѓународната комуникација тој го атакуваше одвнатре. Со ова не само што го повреди Уставот, туку го направи македонскиот народ како и јазикот како еден од најважните идентитетски симболи, со што го изложи на подбив македонскиот народ, а всушност ова е кривично дело кое е санкционирано според членот 179 од Кривичниот законик“, рече Силјановска Давкова.