Процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ не е само желба на ЕУ, туку мора да има докажани активности од страна на Скопје да ги убеди не само европските партнери, туку и земјата-членка Бугарија дека тие имаат желба за билатерално решавање на проблемите што постојат и ја спречуваат Софија да даде зелено светло за почеток на преговарачкиот процес, изјави бугарскиот технички министер за надворешни работи Светлан Стоев.
„Бугарската страна работи на две линии- билатералниот дијалог и давање гаранции во рамките на преговорите од страна на земјите-членки на ЕУ дека договорите потпишани од РСМ, вклучително и со Бугарија, ќе бидат имплементирани во иднина“, изјави Стоев.
Според него, Бугарија поставила многу јасно какви услови мора да бидат исполнети и кога тие ќе бидат исполнети, средината за понатамошен дијалог ќе биде сосема поинаква.
„За жал, она што го гледаме, јазикот на омраза што го промовираат некои политички сили и младински движења, не зборува во оваа насока …Би сакал да видам резултат за време на словенечкото претседателство“, изјави Стоев.
Тој додаде дека очекува Скопје да преземе активности во врска со спроведувањето на клаузулите потпишани во 2017 година. Стоев истакна и дека не може да разберат зошто некои од клаузулите четири години не се спроведуваат. „И ова го покренува прашањето колку се искрени нашите соседи во однос на исполнувањето на нивните обврски кон Бугарија“, порача Стоев.
Бугарија е во предизборие и со привремена влада, но бугарските тези остануваат дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот и дека корените на македонската нација пред 1944 година се бугарски.
Стоев, пред неколку дена рече дека е изгубена довербата во преговорите, оти како што рече, голем број политичари од С. Македонија избрале да ги посетуваат главните градови на земјите-членки на ЕУ, наместо да доаѓаат во Бугарија на разговори со своите партнери.