Репортери без граници го додаде унгарскиот премиер Виктор Орбан на годишната листа на „непријатели на слободата на печатот“. Ова е првпат шеф на влада на земја членка на ЕУ да биде ставен на списокот, заедно со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и сирискиот претседател Башар Ал-Асад.
Организацијата соопшти дека Орбан и неговата партија Фидес „го ставаат унгарскиот медиумски пејзаж под своја контрола чекор по чекор“ од нивното доаѓање на власт во 2010 година.
„Јавните радиодифузери се централизирани во државниот медиумски холдинг МТВА, кој ја вклучува и единствената унгарска новинска агенција МТИ“, пишува во соопштението.
Орбан, како што се наведува, ги таргетирал медиумите со „предаторски методи“, кои вклучуваат „политичко-економски измами, дискредитација, самоцензура“.
Според, Репортери без граници, регионалниот печат во Унгарија е во целосна сопственост на претприемачи кои се пријателски настроени кон Орбан од летото 2017 година.
„Есента 2018 година, скоро 500 провладини медиумски компании беа споени во холдинг компанија за централно координирање на нивното покривање“, рече организацијата.
Унгарија е рангирана на 92 од 180 земји во светскиот индекс на слобода на печатот на Репортери без граници.
Списокот за „непријатели на слободата на печатот“ се состои од 37 шефови на држави и влади кои безмилосно ја потиснуваат слободата на печатот. Во него се вклучени врховниот водач на Иран, Ајатолахот Али Хамнеи, рускиот претседател Владимир Путин, белорускиот претседател Александар Лукашенко, чеченецот Рамзан Кадиров и лидерите на Централна Азија, Емомали Рахмон од Таџикистан и Гурбангули Бердимухамедов од Туркменистан.