Државната матура со средна оценка од 3,61

Полагање на државна матура. Архивска фотографија.


Средната оценка од двата екстерни испита на државната матура спроведени минатиот месец е 3.61. За нијанса е подобра оценката од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3.48.

Речиси 15 300 матуранти полагаа државна матура, а директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска рече дека преведено во оценка, резултатот од оваа матура е многу добар за разлика од 2019 кога оценката беше добар.
Според неа, тоа покажува дека матурантите и покрај отежнатите услови, успеале да постигнат повисоки резултати и покажале дека тоа е возможно и со онлајн-наставата.

Тие што ја положија матурата ќе може да се запишуваат на факултет, а за оние што не ја положиле или не во целост, следната сесија за полагање на екстерните испити е на 11 и 13 август. Наумовска најави и дека се подготвуваа нова концепција за државна матура што би се применувала од идната учебна година. Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година.